2 Samuel 14
1 Јоав, синот на Саруја, забележа дека срцето на царот се сврте кон Авесалом.
2 Јоав испрати во Текоа и доведе оттаму една умна жена и рече: „Преправи се дека жалиш; облечи траурна облека, немој да се помазуваш со масло, и претстави се како жена, која оплакува мртовец;
3 па оди кај царот и кажи му така и така.“ И Јоав ѝ ги стави во устата нејзина, зборовите што требаше да ги каже.
4 И жената Текоанка влезе кај царот, падна ничкум на земја, се поклони и му рече: „Помогни царе, помогни!“
5 Царот ја праша: „Што ти е?“ А таа одговори: „Вдовица сум, умре мажот мој;
6 слугинката твоја имаше двајца синови; тие се скараа во полето, немаше кој да ги раздели, и едниот го удри другиот и го уби.
7 И ете, целиот род стана против слугинката твоја, и рече: ‚Предај го оној што го уби брата си, ние ќе го убиеме заради душата на брат му, која тој ја погуби, и со тоа ќе ви го уништиме и потомството.‘ И така, тие ќе ја згаснат искрата, која уште ми останува за да не остават име и потомство на мажот ми по лицето на земјата.“
8 А царот ѝ рече на жената: „Оди си спокојно дома, јас ќе дадам заповед за тебе.“
9 Но жената Текоанка му рече на царот: „Врз мене, царе, господаре мој, нека биде вината и врз татковиот ми дом, а царот и престолот негов се невини.“
10 И царот ѝ рече: „Доведи ми го оној што ќе биде против тебе, и тој повеќе нема да те гибне.“
11 Таа рече: „Заколни се, царе, во Господ, твојот Бог дека нема да се намножат одмаздниците за крв и нема да го погубат синот мој.“ Царот рече: „Жими Господ! Ни влакно од твојот син нема да падне на земјата.“
12 И жената рече: „Дозволи ѝ на слугинката твоја да му каже уште еден збор на својот цар господар.“
13 Тој рече: „Зборувај!“ И жената рече: „Зошто мислиш така против Божјиот народ?“ Царот, откако го кажа тој збор, сам се обвини, поради тоа што не го враќа својот прогонет.
14 „Ние ќе умреме и ќе станеме како разлеана вода на земјата што не може да се собере; но Бог не сака да ја погуби душата и се грижи да не го отфрли од Себе и отфрлениот.
15 И сега јас дојдов да му ги кажам на царот, мојот господар, тие зборови, зашто народот ме плаши; и твојата слугинка си вели: ‚Ќе поразговарам со царот, дали нема да постапи тој според зборот на слугинката своја.‘
16 Царот бездруго ќе ја ислуша и ќе ја спаси слугинката своја од раката на оние кои сакаат да ме истребат, заедно со синот мој, од Божјото наследство.
17 Затоа, твојата слугинка си рече: ‚Зборот на мојот господар цар нека ми биде утеха, зашто мојот господар цар е како ангел Божји, и може да го слуша и доброто и лошото. И Господ, Бог твој, ќе биде со тебе.‘“
18 Царот одговори и ѝ рече на жената: „Не го криј од мене тоа што ќе го прашам.“ И жената рече: „Говори, господаре мој, царе.“
19 Царот ја праша: „Во сето тоа не е ли со тебе раката на Јоав?“ Жената одговори и рече: „Да ти е жива душата, господаре мој, царе, не може да има скршнување ни десно, ни лево; вистина, твојот слуга Јоав ми заповеда и тој ги стави во устата на слугинката твоја сите тие зборови.
20 Твојот слуга Јоав го направи тоа за да го измени текот на настанот. Но мојот господар царот е мудар, како што е мудар ангелот Божји, тој разбира сѐ што се случува на земјата.“
21 И царот му рече на Јоав: „Ете, јас направив според зборот твој, оди впрочем, врати ми го детето Авесалом.“
22 Тогаш Јоав падна ничкум на земјата и се поклони, и го благослови царот, велејќи: „Сега слугата твој знае дека добил благонаклоност во твоите очи, господаре мој, царе, бидејќи царот постапи според зборот на својот слуга.“
23 Па стана Јоав, та отиде во Гесур и го доведе Авесалом во Ерусалим.
24 И царот рече: „Нека се врати во куќата своја, но лицето мое да не го гледа.“ И Авесалом отиде во куќата своја, но царското лице не го виде.
25 Меѓу сите Израелци немаше таков убавец како Авесалом, ни толку пофалуван како него: од петиците на нозете до врвот на главата негова во него немаше недостаток.
26 Кога ќе ја истрижеше косата своја, а тој ја стрижеше секоја година, бидејќи му тежеше; косата од главата негова тежеше двесте шекели според царската мера.
27 И на Авесалом му се родија три сина и една ќерка, по име Тамара; таа беше многу убава.
28 И остана Авесалом во Ерусалим две години, но царевото лице не го виде.
29 Тогаш Авесалом испрати по Јоав за да го одведе кај царот, но тој не сакаше да дојде кај него. Го повика и вторпат, но тој пак не сакаше да дојде.
30 Тогаш Авесалом им рече на своите слуги: „Ја гледате ли нивата на Јоав до мојата? Тој таму има јачмен; одете и изгорете го со оган.“ И Авесаломовите слуги ја изгореа со оган онаа нива.
31 И стана Јоав, па отиде кај Авесалом дома и му рече: „Зошто слугите твои ја изгореа нивата моја со оган?“
32 А Авесалом му одговори на Јоав: „Ете, јас испраќав по тебе и велев: ‚Дојди тука, и јас ќе те пратев кај царот да кажеш: зошто сум дошол од Гесур? Подобро ќе беше да останев таму. Јас сакам да го видам лицето на царот. Ако, пак, сум виновен, убиј ме!‘“
33 Јоав отиде кај царот и му го раскажа тоа. Царот го повика Авесалом. Тој дојде кај царот, му се поклони и падна ничкум на земја пред царот. И царот го бакна Авесалом.